Уставниот суд одлучи да поведе постапка и да отвори предмет за иницијативата со која се оспоруваат одредбите за правична етничка застапеност во институциите. Одлуката е донесена по долга расправа меѓу уставните судии, кои имаа различни ставови. Во дискусиите против се изјаснија тројцата судии од етничките заедници Осман Кадриу, Насер Ајдари и Фатмир Скендер. Со постапката ќе се провери уставноста на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Уредбата за задолжителни елементи на јавните тендери и Методологијата на планирање на вработувањето во јавниот сектор во согласност со принципот на соодветна и правична застапеност.
Судијката Добрила Кацарска сметаше дека треба да му се предложи на Собранието да ја дорегулира одредбата за правична застапеност, наместо да се прифати иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Дарко Костадиновски, претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, нагласи дека денеска апсолутно не зборуваат за укинување нечии права, туку, оти според него, оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и дека само системот на заслуги и компетентноста треба бидат единствен критериум за вработување и унапредување. Костадиновски изнесе став дека треба не само да се укине одредбата за правична застапеност, туку и да се разгледаат и сите акти каде таа е предвидена. Според него, балансерот не е уставен и предизвикува дискриминација при вработувањето.
Со истиот став, со мали разлики беа и судијките Ана Павловска-Данева, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска и Татјана Васиќ-Бозаџиева. Според Бозаџиева, балансерот не треба да се укине, туку да се замени со нова алатка, што нема да создава негативна дискриминација.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ ја покрена Државната комисија за спречување на корупцијата. Оспорени се членовите во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, каде се употребен терминот „припадност на заедница“, како и Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавниот сектор.
Антикорупциската комисија во иницијативата наведува дека со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото. Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.
„Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор.“ – навела Државната комисија за спречување на корупцијата во иницијативата до Уставниот суд.






