Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, државата ќе треба да врати околу 50 милиони евра

Солидарниот данок „падна“ на Уставен. Законот, со кој над 150 компании платија вонредна еднократна давачка од судот беше оценат дека ги става фирмите во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.



Данокот на солидарност беше воведен во време на владата на СДСМ и ДУИ во 2023 година. Со него беа задолжени сите компании кои оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година. Тогашната власт оваа постапка ја правдаше дека е за да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.

Сега државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании кои го платиле данокот. Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница беше донесена конечната одлука.

Судот, во ноември минатата година, изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото. Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот.

Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данок во 2022 година. Судот во оваа фаза оценува дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.