Уставен суд: Нема веќе поделба на граѓаните на „резиденти“ и „нерезиденти“

Уставниот суд укина делови Методологијата за пописот од 2021 година кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“ население бидејќи оцени дека не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок- владеењето на правото.



Истовремено Уставен оцени дека директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.

Подносител на иницијативата е пратеникот Скендер Реџепи од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ кој неодамна за ВЕЧЕР изјави дека е прекршен Уставот и Законот за попис.

„Уставот гарантира еднаквост на граѓаните и не смее да постои акт кој создава права несигурност. Со Законот за Попис е предвидено само да бидат опфатени лицата, државјани на РСМ кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава. Оспорените одредби за постоење на „резидентно“ и „нерезидентно“ население не се предвидени со Законот за попис и со тоа е повредено вледеење на правото. Директорот се ставил во улога на законодавецот, на креатор на норма а не смеел“, смета пратеникот Реџепи според кој вака направениот попис создава основ за нееднаквост на граѓаните“.

Одлуката нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година. Таа ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник, за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина.

Судот оценил дека означените делови од Методологијата, не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година.

Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (Методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт.

Од Уставниот суд појаснуваат дека поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, Одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник (за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина), но нема да важи ретроактивно-за веќе спроведениот попис од 2021 година.