Условна казна за бугарски возач кој зимава преврте автобус кај Крива Паланка

Условна казна пресуди судот во Дупница за возач на бугарски автобус кој во февруари годинава предизвикал сообраќајка во Македонија, пренесуваат бугарски медиуми.



40-годишниот Љубомир Лазаров (40) од Дупничко село Слатина се изјаснил за виновен за предизвикување на несреќата и признал дека  возел со неприлагодена брзина.

На 2 февруари малку пред 22.00 часот, на патот од Куманово кон Крива Паланка во Македонија, управувајќи со автобус, тој изгубил контрола над возилото кое излетало од десната страна на патот и се превртело.

Дванаесет лица од вкупно 43 патници, бугарски граѓани, беа повредени во несреќата.

Возачот го возел автобусот со брзина 77,91 километри на час.

Судот му изрече казна „лишување од слобода“ за период од три години, односно условна казна во времетраење од пет години.

Лазаров е лишен и од правото да управува моторни возила во период од четири години.

Тој треба за плати и судски трошоци во вкупен износ 3.151,08 лв (1.500 евра).