Унгарската телекомуникациска компанија „4iG“, отвори фирма во Македонија – „Оне Македонија телекомуникации“ и сè поблиску e до остварување на намерата да стане трет телекомуникациски оператор во земјава. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Македонија.
Основањето на оваа фирма е првиот важен чекор за 4iG Group да стане значаен нов играч во Македонија. Покрај професионалните соработки, деловните и оперативните синергии стекнати од претходните искуства во регионот, Групацијата 4iG ја има поддршката од македонската влада којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.

Унгарците веќе работат во Албанија и во Црна Гора преку својот бренд ОНЕ, а имаат намера да го прошират своето присуство на пазарите на Западен Балкан. Унгарската телекомуникациска фирма, прво во август преку писмо до владата, информираше дека е заинтересирана за влез на македонскиот пазар, а еден месец подоцна потпиша и необврзувачки меморандум за разбирање со владата.
Со завршувањето на процесот на регистрација на компанијата, за иден извршен директор е назначен Тамаш Табори кој е заменик извршен директор одговорен за телекомуникациската стратегија во Унгарската матична компанија на групацијата, 4iG Nyrt.
„Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ONE MacedoniaTelecommunications е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Северна Македонија“, рече Тамаш Табори, извршен директор на ONE MacedoniaTelecommunications и заменик извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во 4iG Nyrt.

Како членка на Алијансата O-RAN, Групацијата 4iG е посветена на користење технологија од веродостојни и сигурни извори како дел од иницијативата „Чиста мрежа“, што е услов поставен од македонската влада за нов учесник на пазарот.
Котирањето на берзата во Будимпешта, свежиот и иновативен пристап на компанијата, во комбинација со нејзината позиција како водечки унгарски телекомуникациски и ИТ систем интегратор, ја прави водечки провајдер на услуги во дигиталната трансформација во регионот. Како сопственик на ОНЕ Црна Гора и ОНЕ Албанија, групацијата 4iG е лидер на пазарот во телекомуникациските и инфо-комуникациските услуги во Западен Балкан, опслужувајќи скоро 2.2 милиони резиденцијални и 400.000 деловни корисници во двете земји.

Групацијата 4iG остварува значајна вредност преку нејзината посветеност на прекуграничните глобални технологии додека се придржува до локалните потреби и регулативи. Групацијата континуирано ги проширува своите услуги, експертиза и портфолио за да одговори на променливите барања на телекомуникацискиот и ИТ пазарите. Како членка на O-RAN Alliance, групацијата е посветена на градење мрежи користејќи технологија од веродостојни и сигурни извори во рамките на иницијативата „Чиста мрежа“. Групата вработува повеќе од 8.000 луѓе.
Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија.





