Унгарија ќе ѝ помогне на Македонија со три противпожарни возила и воздухоплови

По неодамнешниот договор на премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан за финансиска поддршка на Македонија од Унгарија со заем од половина милијарда евра за почеток, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто најави испраќање три возила и воздухоплови за гасење на тековните пожари на македонскиот исток.



Помошта е договорена во телефонскиот разговор со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, а нејзината дополнителна вредност е во тоа што возилата можат да се користат во тешко достапни места.

„Во услови на летни горештини, ние сме длабоко загрижени за големите шумски пожари што го зафатија регионот. Нашите пријатели се соочуваат со сериозни предизвици поради овие пожари и како сојузници од суштинско значење е да ја понудиме нашата поддршка“, изјави Сијарто.

Муцунски од своја страна ја истакна „важноста на соработката во овие критични времиња, потврдена со брзата реакција и со помошта од Унгарија“, притоа изразувајќи длабока благодарност за солидарноста.

„Унгарскиот придонес со противпожарни возила и воздухоплови претставува значаен гест на поддршка за Македонија во време на предизвик. Соработката меѓу двата народи ја истакнува вредноста на меѓународната солидарност во борбата против природните катастрофи“, вели тој.