Унгарија ќе ги блокира намерите на Украина да ѝ се приклучи на Европската унија поради прекинот со транзитот на гас и нафта од Русија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврди дека ова ќе биде одговор на усвојувањето на предлог-законот за забрана на транзит на руска нафта и гас низ територијата на Украина.
„Земја што склучува договор за асоцијација со ЕУ или дури сака да стане членка, мора да придонесе за енергетската безбедност на ЕУ преку обезбедување транспортни рути. Во овој поглед, затворањето на рутите за гас или нафта не ги исполнува очекувањата поврзани со интеграцијата во ЕУ“, рече министерот.
Тој потсети дека одлуките за пристапување на нови членки во ЕУ се носат колективно и едногласно, така што без одобрение од Будимпешта, Украина нема да има европска иднина.
Украина аплицира за членство во Унијата на 28 февруари 2022 година, четири дена по руската инвазија врз земјата. На 23 јуни истата година Европскиот совет ѝ додели кандидатски статус како деветта држава во чекалницата за ЕУ, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција. Веќе на 24 јуни 2024 година Киев почна пристапни преговори со Брисел заедно со Молдавија.






