Припадниците на специјалните сили на Украина учествуваат во борбени операции во Судан против бунтовниците и руските воени формации.
Операцијата се спроведува како дел од стратегијата насочена кон поткопување на воените и економските операции на Русија во странство, објави „Вол стрит џорнал“.
„За Украина, испраќањето војници во Африка е храбар нов потфат и дел од стратегијата да се нарушат воените и економските операции на Русија во странство, да се направи војната поскапа за Москва и да се позиционира како бедем против руските упади, вклучително и во регионите каде што Западот не беше подготвен да се вклучи директно“, изјави неименуван извор за американскиот весник.
Генералот на суданската армија Абдел Фатах ал Бурхан побара услуга од украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако Судан тајно ѝ достави оружје на Украина во 2022 година, така што сега, според весникот, линијата на фронтот во војната меѓу Украина и Русија се протега до Африка.
Шефот на украинската разузнавачка служба Кирило Буданов не потврди директно дека украинските сили се во Судан, но се изјасни за поддршка на нивното распоредување.
„Војната е ризична работа. Ние сме во целосна војна со Русија. Тие имаат единици во различни делови на светот, а ние понекогаш се обидуваме да ги погодиме и на тие места“, рече Буданов.
Украинскиот воен персонал обезбедува и тактичка обука на суданските сили, учејќи ги со маневрите што ги користат на фронтот во Украина.
На почетокот на ноември минатата година „Киев пост“ објави две видеа на кои се гледа како припадници на украинската армија се борат против руската паравоена формација „Вагнер“ во Судан.






