Украина го запира транзитот на руски гас низ нејзина територија

Украинскиот премиер Денис Шмигал изјави дека договорот за транзит на гас со Русија, кој истекува на 1 јануари 2025 година, нема да биде продолжен.



Тој нагласи дека Москва го користи извозот на сино гориво за финансирање на „криминалната војна“ против неговата земја, потсетува АФП.

Русија продолжи да извезува природен гас во европските земји преку гасоводи во Украина дури и по почетокот на конфликтот во 2022 година.

Земјите како Словачка, Австрија, Унгарија и Молдавија увезуваат руски гас од Украина и потенцијално би можеле да бидат погодени ако транзитот престане.

На почетокот на оваа година, пак, самата Украина објави дека нема намера да го обнови договорот за трансфер на руски гас во Европа од 2025 година.

Повеќето корисници на руски гас преку Украина рекоа дека се подготвуваат да го прекинат снабдувањето подоцна оваа година, кога ќе истече транзитниот договор меѓу Украина и Русија, бидејќи Киев вели дека не сака да го обнови.

Друга опција е Гаспром да испорачува дел од гасот преку друга рута, на пример преку Турски тек, Бугарија, Србија или Унгарија. Сепак, капацитетот на овие рути е ограничен.