Здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 100 Палестинци биле застрелани од израелските сили додека чекале да им се достави помош со храна, но Израел го оспори бројот на жртвите и рече дека многу од жртвите биле прегазени од камиони со хуманитарна помош.



Американскиот претседател Џо Бајден разговараше за „трагичниот и алармантен инцидент“  со лидерите на Египет и Катар, како и начините да се обезбеди ослободување на заложниците на Хамас,којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, и шестнеделен прекин на огнот, соопшти Белата куќа.

Лидерите „се согласија дека овој инцидент ја нагласува итноста за завршување на преговорите што е можно поскоро и проширување на протокот на хуманитарна помош во Газа“, соопшти Белата куќа.

Најмалку 112 лица загинаа, а повеќе од 280 се ранети во инцидентот во близина на градот Газа, соопштија палестинските здравствени власти, бидејќи палестинскиот биланс на загинати во речиси пет месеци војна надмина 30.000.

Израел ги демантира податоците објавени од здравствените власти во Газа.