Македонската машка репрезентација загуби вечерва од Косово со 72-68 и лошо ги започна претквалификациите за Светското првенство. Во Приштина во првите 20 минути видовме едно од најлошите, а хроничарите сметаат и дефинитивно најлошото издание на црвено жолтите од осамостојувањето на нашата кошарка. Дадовме само 20 поена, примивме 40 и веднаш го загубивме воведниот дуел во овој циклус иако станува збор за противник кој е слаб, непотполн во составот, дебитант во европско натпреварување. Како муви без глави беа нашите во тој мирен амбиент во кој се виде дека смената на генерациите ќе ни оди тешко. Од движењето на резултатот, 23-11 по една четвртина, 40-20 на полувреме, лесно ќе се заклучи дека ни требало време, особено што со 23-15 и 25-17 ги добивме двата преостанати периода. До водство не дојдовме, а најмногу се доближивме на минус 2. Во нашиот табор најефикасни беа Џордан Теодор со 22 и Војдан Стојановски 17 поени.
Македонија по овој пораз од Косово со 72-68 не ги губи шансите за пласман во квалификациите за Светското првенство, но в сабота во Скопје мора да слави со третиот член на нашата Ц група, Естонија.





