Ударот од Гевгелија во Грција ќе се амортизира со казина на островите

Економската и финансиска криза, но и казиното во Гевгелија, ги стопија приходите на грчките сопственици на коцкарници, па Министерството за финансии на Грција планира да додели уште три концесии за нови казина на островите и уште една во Атина.



Данокот од само осум проценти на бруто приходот од игри и нејзината локација само на неколку километри од македонско-грчката граница ја направи Гевгелија привлечна за коцкарите од северниот дел на Грција, од што трпат другите коцкарски дестинации во земјата, се жалат претставници на овој бизнис. За споредба, во Грција данокот, зависно од регионот, се движи меѓу 22 и 35 отсто.

Кризата, високиот данок и конкуренцијата од соседството (во Кипар се гради голем комплекс казина, а данокот на бруто добивката од игри на среќа е 15 проценти) го преполовија прометот во грчките казина од 3,2 милијарди евра во 2007 година на 1,6 милијарди минатата.

Покрај на популарните туристички дестинации Миконос, Санторини и Крит, се планира отворање казино и на местото на некогашниот аеродром „Елиникон“ во Атина.

Новиот грчки закон за игри на среќа, кој наскоро ќе биде усвоен од Парламентот, предвидува постепено оданочување. Тоа ќе се движи од 20 проценти за бруто приходи од игри до 100 милиони евра, па до осум проценти за приходи поголеми од 500 милиони евра.