Полесно од очекувањата, ракометната репрезентација на Македонија го совлада Катар со 39:34 во второто коло од главната фаза во Вараждин и ги сочува теоретските шанси за пласман во четвртфиналето на 29. Светско првенство во Хрватска, Норвешка и Данска.
Пред преостанатите два меча во групата и дуелот со Франција в сабота од 20:30 часот, избраниците на селекторот Кирил Лазаров со 4 бода се израмнија со Холандија на второто место, кое води меѓу осумте најдобри селекции на планетата.
Катарците, водени од клупата од Веселин Вујовиќ, во претходниот меч ѝ дадоа жесток отпор на Холандија, од која загубија со примен гол од 9 метри во последните секунди, па токму тоа психолошко празнење им ја олесни задачата на „црвено-жолтите“, кои беа во предност во текот на целата средба, која достигна шест гола разлика.
Печат врз втората победа во петтиот настап на овој мундијал, вкупно 23. во 59. натпревар на Македонија на светските шампионати, стави кружниот напаѓач Жарко Пешевски со максимална прецизност од 6 удари, а капитенот Филип Кузмановски застана на 6/10, но МВП на мечот е средниот бек Марко Митев, кој погоди пет пати од седум обиди.
Голема заслуга за триумфот и во вториот меѓусебен дуел на СП со вицешампионот од 2015 година имаат и голманите Марко Кизиќ, кој запиша 10 успешни интервенции, од кои 9 во првото полувреме, кое Македонија го доби со 21:17, како и Никола Митревски со петте одбрани во вториот дел, кога ривалот се обидуваше резултатски да се врати.
Поврзана содржина Се е можно
Гувернерката на Народната банка ја информирала претседателката за економските состојби и проекции






