Уапсен Узбекистанец за убиството на рускиот генерал

Приведен е извршителот на атентатот на шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана, генерал-полковник Игор Кирилов, јави утринава државната агенција ТАСС.



Според информациите на Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ), уапсениот е 29-годишен државјанин на Узбекистан.

ТАСС ја пренесува само неговата година на раѓање – 1995 година.

Осомничениот за убиството признал дека бил регрутиран од украинските специјални служби, наведува и агенцијата.

Во оваа фаза не се објавуваат повеќе детали.

Вчера наутро, Игор Кирилов и неговиот соработник мајор Илја Поликарпов беа убиени со бомба активирана од далечински управувач на влезот на зградата во која живеел во Москва.

Руските истражители го дефинираа она што се случи како терористички чин и соодветно поведоа кривична постапка според членовите од Кривичниот законик.

Официјалната портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го осуди молкот на ОН на оваа тема.

Според Захарова, тоа се должи токму на славата на Игор Кирилов – како врвен професионалец, вклучително и на меѓународни платформи, во меѓународни организации.