Европските нации мора да ја прифатат и да победат во трката за вооружување иницирана од Русија, изјави полскиот премиер Доналд Туск денеска пред самитот на ЕУ во Брисел, пренесоа медиуми.
Признавајќи дека досега се одложувало зајакнувањето на европската одбрана, тој нагласи дека „сега се е променето“, наведувајќи го предлогот на Европската комисија да мобилизира до 800 милијарди евра за одбрана.
Европа ќе го прошири својот воен капацитет „побрзо, попаметно и поефикасно“ од Русија изјави полскиот премиер.
Туск изрази уверување дека САД ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина, откако решија да ја замрзнат на почетокот на оваа недела.
Тој призна дека САД под претседателот Доналд Трамп се „позахтевен партнер“ од порано, но нагласи дека сојузот САД-Европа останува „апсолутен приоритет“.
На самитот на ЕУ е присутен и украинскиот лидер Володимир Зеленски кој им се заблагодари на европските лидери за нивната континуирана поддршка, велејќи дека тоа значи дека Украина не е „сама“ во својата борба да ја одбие руската агресија.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, средбата ја оцени како „многу важен момент“ за европската безбедност.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека ова е „пресвртен момент за Европа“ и дека Украина е дел од европското семејство.
Таа изјави дека Европа мора да ја стави Украина во позиција да може да се брани и да се стреми кон траен и праведен мир.






