Љутви Местан, претседател на партијата Демократи за одговорност, солидарност и толеранција (ДОСТ) од Бугарија, во која членуваат Турци и муслимани, бара од државата да признае турско малцинство како што Албанија неодамна призна бугарско.
„Педесет илјади Бугари во Албанија имаат статус на национално малцинство, а, на пример, близу еден милион Турци во Бугарија не се! Што сме тогаш? Едноставно, лица со различна етничка, религизозна и културна припадност. Што уште е потребно за тие различни квалитети да добијат правен статус на малцинство? Одговор нема… Или одговорот е уште поциничен: ‘Просто, не ве признаваме’. Но, одговорот вака или онака, претстои“, вели Местан во обраќањето до јавноста.
„Дали едно малцинство постои или не, не е дури ни правно прашање, туку прашање на објективен факт, повисок од законското негирање. Законот што го одрекува постоењето на едно малцинство, дури и да е уставен, не не го брише фактот за неговото постоење. Затоа, за бугарските политичари и државници, кои со право се гордеат со успехот на Бугарите во Албанија, убедувајќи го албанскиот законодавец со 3000 потписи дека ги има, корисно е да погледнат и во сопствениот двор. Во него, покрај Бугарите, живеат близу милион Турци, стотици илјади Роми, десетици илјади Ерменци и други претставници на малцинства. Аналогно на очекувањата за Бугарите во другите држави (Албанија, Србија, Македонија, Украина, Молдавија, Романија, Унгарија, Чешка и др.), и тие исто така го заслужуваат своето правно признавање по европски терк“, додава лидерот на ДОСТ.
Бугарија ја потпиша и ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, преточувајќи ја во закон уште на 18 февруари 1999 година. Но, во декларацијата со која е усвоен законот, се вели дека во Бугарија има лица што припаѓаат на малцинства, но се отфрла постоењето на самите малцинства.





