Турски весник: Зошто Албанците муслимани молчат за потегот на Трамп со Ерусалим?

Турскиот весник „Дејли Сабах“ во коментарот насловен „Зошто балканските муслимани не реагираат на провокацијата на Трамп со Ерусалим“, всушност, им се обраќа на Албанците муслимани од Македонија, Албанија и Косово, критикувајќи ги.



„Провокацијата на Трамп со Ерусалим наиде на речиси целосен молк кај албанските муслимански заедници на Балканот. Владите на Косово и на Албанија постапија исто. Ако некој ги посети официјалните вебстраници на Муслиманска заедница на Албанија, на Исламска заедница на Косово и на Исламска верска заедница на Македонија, ќе има впечаток дека Ерусалим не е важно прашање за муслиманот Албанец. На вебстраниците на официјалниот ислам на Албанците во Албанија, во Косово и во Македонија ќе прочитате дека овие верски институции поддржани од државата се загрижени за нивните муслимани што се борат во Сирија, организираат состаноци со странски делегации и присуствуваат на религиски и на меѓурелигиски прослави“, пишува „Дејли Сабах“.

За разлика од остатокот од муслиманскиот свет, кој ги замрзна односите со Израел, во Албанија претседателот Илир Мета со други високи државни функционери присуствуваа на прославата на еврејскиот празник Ханука заедно со израелскиот амбасадор Боаз Редкин, како и со челници на сунитската и на бектешката заедница, се чуди весникот во својот коментар. Мета крена вистинска бура што Албанија гласаше против САД во Генерално собрание на Обединети нации за Ерусалим, а косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека „ќе биде со Американците докрај“, се додава во написот.

„Американската доминација во Албанија, во Косово и во Македонија ги обесхрабрува владите и граѓанските организации на Балканот во поддршката за прашања што американската Влада не ги сака. Повеќето граѓански организации на Балканот се поддржани од САД или од ЕУ и, како резултат на тоа, реакциите што можат да се видат на Запад против војните, неправдата и агресијата отсуствуваат во овој дел од Европа“, заклучува „Дејли Сабах“, кој причината ја бара и во ставот на Израел кон Албанците дека се „добри муслимани“, бидејќи во Втората светска војна ги заштитиле сите свои Евреи.