Туристичките работници сметаат дека треба да се формира посебно министерство за туризам кое, според нив, би ја подигнало гранката на повисоко ниво не само за решавање на проблемите во секторот.
-Идејата е стара, но сега државата е зрела за формирање на министерство за туризам. Мислам дека тоа министерство, ако биде вистинско, во кое ќе бидат луѓе професионалци од секторот кои знаат што е туризам и што треба да се направи за негов раст, не политичари, ќе придонесе многу за развојот на туризмот а со тоа и за државниот БДП. Со самото тоа што ќе има министерство, туризмот ќе добие на вредност не само во земјата туку и во рамки на туризмот во Европа и во светот. Ќе може да бидеме активен член на асоцијацијата за туризам на Европа, во која сме, но не како држава претставник. Тоа ќе придонесе да имаме и повеќе пари за проекти во ЕУ и да дадеме поголем придонес во одлучувањето за туризмот во унијата – вели Дончо Нацев , сопственик на Туристичка агенција за Плусинфо.
Туристичките работници велат дека земјите кои најмногу профитираат од туризмот имаат формирано министерства за туризам. Од соседството вакви министерства имаат Албанија која е една од најбрзорастечките земји во секторот, а министерство имаат и Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора и Хрватска.
Извор: https://plusinfo.mk/turizmot-bara-svoe-ministertvo-taa-granka-mozhe-da-donese-mnogu-pari-a-a-shutkaat-od-eden-do-drug-resor/





