Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет во Скопје,  смета дека катастрофално за Македонија е грчката компанија „Митилинеос“, да гради гасна централа во кругот на некогашната скопска Железарница во Општина Гази Баба.



Професорот ги оценува бројките што ги наведуваат владините претставници како фрапантни и укажува дека можат да доведат до финансиски колапс на државата.

„ Како поинаку да се протолкува тоа што на „Митилинеос“ му се дава државна помош од 50 милиони евра во кеш, плус исто како државна помош може да се смета што му се дава плац од 115 илјади квадратни метри.

Тоа се 20 фудбалски игралишта со закуп од само 10 денари по квадратен метар месечно, што е повторно државна помош затоа што овој закуп во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) чини четири евра за квадратен метар.

Третиот и најважен тип државна помош е тоа што му се гарантира дека сета струја и сета топлина ќе му се купи, и тоа по цени што се од 15 до 35 отсто повисоки од берзанските“, вели Туневски за „Нова Македонија“.

Тунески прави дополнителна длабинска анализа на бројките што ги нуди Владата во својот предлог. За него е спорен и фактот дека целокупната произведена струја и топлина што ќе ги произведе „Митилинеос“ земјава ќе мора да го купи и дури и да не ѝ требаат.

„Попластично кажано, тоа значи дека кога не ни треба топлина ќе ја плаќаме, кога не ни треба струја во ноќно време, сеедно што Македонија во одредени ноќни периоди извезува струја, ќе има обврска да купува струја од „Митилинеос“.

Сето тоа непотребно ќе го плаќаме и на годишно ниво тоа непотребно плаќање ќе нè чини 20 милиони евра“, вели професорот.

Туневски смета дека државата мора да изнајде средства за да ја изгради централата во сопствена режија, и во прилог на тоа ги цитира зборовите на директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, дека во државната каса треба да се слеат од 120 до 150 милиони евра на име на данок од „Митилинеос“.

Според Тунески, токму овој податок јасно укажува дека во наредните 30 години, колку што е предвидено да трае закупот, „Митилинеос“ ќе има профит од 1,2 до 1,5 милијарда евра, и затоа мора да се изнајде начин за домашно финансирање на проектот за и профитот да остане дома!