Професорката по македонски јазик Татијана Алексиќ е предмет на говор на омраза за своите јавни настапи а таа парите од модните настапи ги троши во хуманитарни цели.
Ова го открива професорката Елка Јачева Улчар која информира дека Алексиќ сите пари што ги собира со своите активности во јавноста го троши на хуманитарни цели помагајќи им на луѓе во невоља во Македонија.

Алексиќ е позната како авангардна професорка во гимназијата Раде Јовчевски Корчагин но и по своите јавни активности во кои се обидува да ја крене јавната свест за многу општествени проблеми.

Јачева Улчар реагира на говорот на омраза што се појави откако Алексиќ учествувала на модна ревија на Елена Лука со цел подоцна да им помогне на други луѓе.

,,Многу сум зафатена деновиве, па не стигнувам сЕ да проследам, иако некни на пат за Велес, Тања ми потспомна нешто дека е цел на напади и непримерен говор на омраза. Отворив денес кај неа на ѕидот и гледам напади и сЕ чудам. Кому тоа му пречи Тања со нејзините активности?
Ја напаѓаат професорката по македонски јазик која од библиотеката во „Корчагин“ направи пријатно катче за книжевни настани и пријатни средби во кое учениците радо доѓаат не само да позајмат книга туку и да си поразговараат со нивната професорка на која тема сакаат, дури и на оние теми за кои нерадо зборуваат со родителите?
Ја напаѓаат професорката која заедно со своите ученици направила и организирала толку драмски претстави од хуманитарен карактер за лекување на нивни бивш ученик од опаката болест?
Ја напаѓаат професорката која секогаш е на страна на младите зашто цврсто е уверена во тоа дека грешките се кај нас возрасните, а не кај нашата младеж!

Ја напаѓаат професорката која ангажманот кај Елена Лука, којшто претставува додаток кон нејзината мала плата, го користи не толку за своја лична корист туку повторно во хуманитарни цели заедно со Елена Лука:
за поддршка на жените болни рак;
за подарување свечена облека по повод матурска вечер за деца кои немаат родители да ги дотераат за таа значајна вечер;
за поттикнување и насочување на младите кон хуманитарни активности…
Ја обвинуваат за долги објави во кои се „правела паметна“…
Нејзините долги постови секогаш се на определена тема актуелна во општеството и повторно служат за едукација: социјална, здраствена, културолошка…
Конечно, многу малку ја познавате Тања за да ја судите! Ниту лаже, ниту краде… чесно си го заработува лебот, не срамејќи од каква и да било чесна работа!
Нашево општество би било многу посреќно, посплотено и похумано доколку би постоеле повеќе вакви Тањи: искрени, чесни, хумани, достоинствени и над сЕ, добри!
Со објавите што ги пишувате само потврдувате дека во голема мера немате свој живот, па се плеткате во туѓиот. Ако не можете да поднесете туѓ успех, туѓа убавина и среќа, па пресккокнете го нејзиниот профил или не следете ја. Можеби така, ќе ви биде полесно во животот.
А ти, Тања драга, не обѕрнувај се на мрморењата злобни!
Туѓиот успех и самата знаеш дека најмалку се простува во нашава ни најмила! За жал и срам!!!
Гордост ми е што те познавам и што ми дозволи да ти станам пријателка, ти убаво жено, ретка човечица!”, пишува македонистката Елка Јачева Улчар за професорката Алексиќ.








