Тројца од главните луѓе на Трамп веќе се сретнале со премиерот Мицкоски

Тројца од главните луѓе на Трамп уште летоска се сретнале со премиерот Христијан Мицкоски а двајца од нив имале средба и со претседателката Сиљановска.



Кандидатите за позициите државен секретар и министер за финансии Ричард Гренел и Хауард Лутник летово на посебни средби се сретнале со премиерот Мицкоски.

Со Гренел Мицкоски се сретнал два пати во Охрид и во Скопје а со Лутник, кој е копретседател на транзицискиот тим на Трамп во Јули во Скопје.

Во Јули Мицкоски во Скопје се сретна со Крис Павловски, основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“ (Rumble), со
Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски коорпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald), и со Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.

Во владата ги пречека премиерот Христијан Мицкоски, заедно со повеќемина министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Следниот ден ги прими претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„На средбата се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот, фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество.
Исто така, беа разговарани повеќе можности за економска соработка во различни области во државата“, стои во кусото соопштение за средбата во Владата на која беа присутни повеќе министри.

Подоцна во интервју за Телма Мицкоски објави дека станува збор за средба со луѓе кои водат корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт.

,,Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble, која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација.“, изјави Мицкоски.

Гренел, Лутник и Нунес се меѓу луѓето од најблискиот круг на претседателот Трамп кои можат да добијат највисоки позиции во новата американска администрација.

Ова е прв случај премиер на македонска влада да има блиски врски со толку влијателни луѓе во близина на еден американски претседател.