Продолжуваме по старо, или одиме напред по ново – кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски порача дека изборите во СДСМ ќе се Референдум за партијата.
На заедничката презентација со останатите противкандидати во Куманово, Деспотовски рече: – Ги слушам презентациите на моите противкандидати и можам да заклучам дека имаме заеднички точки во програмите. И тоа е добро. Општинските организации сами ќе си го бираат раководството, а и кандидатите за градоначалник и пратеник бидејќи само така ќе ви бидат лојални овде на вас луѓето, а не во Скопје. Но, да сме на чисто, ние овде не се обединуваме околу програми. Ние овде треба да се обединиме околу концепт. Во духот на Гоце Делчев и јас би сакал да го разберам сега СДСМ како поле на кое ќе се натпреваруваме со идеи и програми. Ама за жал, не е така. Извинете што ќе „ја расипам забавата“ меѓутоа сите го гледаме “слонот во собата“ и треба отворено да зборуваме за тоа. Избороте на 30 јуни ќе бидат на некој начин референдум за СДСМ – продолжуваме по старо или одиме по ново? И за политиките и за кадровски решенија,“ рече Деспотовски.
Според него поразително доколку се повтори начинот на кој беше поставен претседателот во 2021 година. Деспотовски нагласи дека се разликува и во однос на ставовите по клучни прашања за
земјава.
-Ме прашуваат дали кога ќе бидам претседател на СДСМ ќе го сменам ставот во однос на уставните измени. Да! Но, не од инат. Ние 3 години по ред застапувавме концепт кој го ставивме на тест пред еден месец и граѓаните му кажаа не. И ако сакаме да бидеме чесни кон тие луѓе кои гласаа 3 наспрема 1 за решението што го понуди ВМРО ДПМНЕ и да покажеме дека ја разбравме нивната порака ќе им кажеме во ред, ја разбравме пораката, а на ВМРО ДМПМЕ ќе им кажеме во ред, спроведете тоа што го понудивте. Дајте предлог, ќе го разгледаме и ако ја заслужува нашата поддршка ќе ја добиете – ама на тој концепт. Ако сакаме да се вратиме наназад за она за кое ние сме се залагале три години и за кое доста искрваревме и си плативме дебела цена на изборите, нема да го прифатиме. Исто не од инат. Бидејќи на тој пат и со тој пристап ги заборавивме луѓето. СДСМ е политичка партија која е формирана да ги штити интересите на државата, но и интересите на своите членови и граѓаните, рече Деспотовски.
Тој нагласи и дека една од клучните заложби на партијата ќе биде враќањето на вредностите и традициите од АСНОМ на кои почива партијата како наследник на партизаните.





