Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ќе ја признаат палестинската држава во вторник, и покрај лутата реакција на Израел, кој e се’ поизолиран по седум месеци конфликт во Газа, објави Ројтерс.



Со приклучувањето кон повеќе од 140 од 193-те земји-членки на Обединетите нации кои признаваат палестинска држава, Мадрид, Даблин и Осло рекоа дека се обидуваат да ги забрзаат напорите за обезбедување прекин на огнот во војната на Израел со Хамас во Газа.

„Ова е историска одлука која има единствена цел: Израелците и Палестинците да постигнат мир“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез во телевизиско обраќање пред состанокот на владата на кој официјално ќе се одобри мерката.

Шпанија ќе ја признае обединетата палестинска држава, вклучувајќи ги Појасот Газа и Западниот Брег, под палестинската национална управа со источен Ерусалим како главен град, рече тој.

Министерството за надворешни работи на Ирска минатата недела соопшти дека ќе го надгради своето претставништво во Рамала на Западниот Брег до амбасада и ќе назначи амбасадор и ќе го надгради статусот на палестинската мисија во Ирска во амбасада.

Трите земји велат дека се надеваат дека нивната одлука ќе ги поттикне другите земји од Европската унија да го следат примерот.

Израел го осудува потегот, инсистирајќи на тоа дека го зајакнува Хамас, кој го организираше нападот на Израел на 7 октомври од неговата база во Газа.

„Санчез, кога… признаваш палестинска држава, ти си соучесник во поттикнување геноцид врз еврејскиот народ и во воени злосторства“, напиша израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац во вторникот на “X“.

Од 27-те членки на Европската унија, Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија веќе ја признаа палестинската држава. Малта и Словенија посочија дека би можеле да следат.

Франција смета дека сега не е време, додека Германија му се придружи на најверниот сојузник на Израел, САД, во отфрлањето на едностраниот пристап, инсистирајќи дека решението со две држави може да се постигне само преку дијалог.

Велика Британија и Австралија рекоа дека размислуваат за признавање…