Новинарот Бранко Тричковски ги обвини академикот Катица Ќулафкова, професорките Гордана Давкова Силјановска и Симона Груевска – Маџовска дека се обиделе да ја силуваат Македонија.
Реакцијата на Тричковски е објавена откако трите професорки напишаа анализа зошто Законот за јазиците е противуставен и крајно штетен за земјата и граѓаните.
Целата реакција на Бранко Тричковски:

Отвореното писмо на Силјановска, Ќулафкова и Груевска-Маџоска против законот за јазиците, ме потсети да предложам и академските титули да почнеме да ги оверуваме како сообраќајните дозволи, на пример, или, уважените професори, доктори и академици и академички, да мораат да вадат нови сертификати после извесно време, како што е случај со бесмислената пракса со изводите од матичната книга на родените или со имотните листиви од катастарот.
Госпожите се дел од академската заедница која даде значаен придонес во разградувањето на државата и на нацијата, вклучително и на македонскиот јазик како интегративен елемент на заедницата, во времето на инсталацијата и развојот на злосторничкиот режим на вмро-дпмне, меѓу другото, со неспособноста да најдат минимални координати меѓу своите знаења и македонската реалност. Нивното отворено писмо не е никаков обид за спас на македонскиот јазик како општествена и државна вертикала, туку е продолжување на таа пракса на апсолутната одлепеност од животот, обид да се набута животот во академските модели и во времињата кога тој, животот, ги има многукратно прераснато. Тоа се вика обид за силување на Македонија.





