Случајот „Крамарска“ има потенцијали да се претвори во случај „Шекеринска“, предупредува новинарот Бранко Тричковски. Во нему својствен стил, компликуван и вулгарен, но наспроти тоа извонредно питок и читлив, Тричковски го сецира случајот со неговата колешка Соња Крамарска, која ѝ стана советничка на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, и покрај жестокиот протест на поддржувачите на Владата.
Тие не можат да ѝ ги простат на Крамарска „гревовите“ од времето кога беше уредник на сега згаснатиот „Утрински весник“, а се чини дека на Шекеринска нема да ѝ биде простен ни „инаетот“ да не ја отпушти својата соработничка. Поради уникатниот стил на Тричковски, неговиот статус на „Фејсбук“ ви го пренесуваме во целост.
„Случајот Крамарска има потенцијали да се претвори во случај Шекеринска. Или да ја сведе јавноста на жена која никого не вознемирува и не возбудува. Да ја умре! Да ја претвори во збирштина на десубјективизирани идиоти, кои излегуваат на избори и референдуми само за да ја заверат својата дијагноза.
Случајот е одвратна демонстрација на доктрината на мирољубивата коегзистенција, хахаха, систем во кој меѓународната заедница смета дека Македонија може да ги оствари своите обврски кон себе и кон светот, демек, благородна проекција, но, како и многу други убави идеи, и оваа е претворена во кулиса зад која мирољубива коегзистенција остварува криминалот, оставајќи ги пред потемкините разорните последици врз вредносните ориентири на општеството.
Ваквите кадровски решенија, а се намножија бааѓи, не водат кон обединување на општеството, како што некои, можеби, се надеваат, туку во вредносна дезориентација во која се бришат разликите меѓу доброто и лошото, злото и благородноста, солидарноста и зулумот, убавото и грозното. Односно, водат во смрт на заедницата. Шекеринска се надева дека нејзиниот карван ќе стигне на целта ако доволно упорно ги игнорира кучињата што лаат. Тоа, се разбира, не е невозможно, но целта на која ќе стигне нејзиниот карван, не е целта кон која ние се стремиме.
Изборот на Крамарска не е резултат на никакви критериуми кои можат да го оправдаат решението на Шекеринска. Сигурно. Тој избор е надвор дури и од зоната во која на еден министер може да му се дозволи послободно ‘судиско’ уверување околу критериумите. Тоа значи дека е резултат на притисок врз министерката или на преземени обврски од нејзина страна. Тоа е така деградирачко за неа, што јас немам зборови.
Анорексичниот однос и на министерката и на нејзината советничка, можеби, е само поза, таа безгрижност не ќе да е знак на моќта зад која се крие репликата ‘ма кој ве е.е’, не, мислам дека е во прашање нешто друго.
Не знам како Соња ќе се извлече од оваа афера, можеби ќе ја стават за командантка на противоздушната одбрана, но знам дека на Радмила нема да ѝ биде лесно. Особено ако во меѓувреме јавноста се потруди уште малку да ѝ ја згрее фотелјата, која уште од почетокот не беше за неа“.





