Трифонов бесен на Мицкоски: Ќе ја видат ЕУ низ многу криви макарони!

Слави Трифонов, лидер на бугарската партија Има таков народ, многу му се налути на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за изјавата од говорницата на Собранието во која повлече паралела меѓу Македонците во Албанија и Бугарите во Македонија.



„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска пред Собранието во Скопје изјави дека не гледа причина за вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Тој праша зошто Албанија го нема истото барање, имајќи предвид дека 8.000 луѓе во земјата се изјасниле за својата бугарска самосвест. Мицкоски исто така рече дека, според него, во Република Северна Македонија живеат ‘околу 700-800 Бугари кои го декларираат бугарскиот јазик за мајчин’“, пишува шоуменот на Фејсбук.

„Сега ќе ви кажам што мислам јас за тоа. Навистина ми се гади од тие луѓе. Не можам да кажам дали збеснувам или попрво се натажувам. Тој Мицкоски е избран демократски. Живо се сеќавам како за време на изборите целата негова изборна кампања беше заснована на омраза кон нас Бугарите. Затоа го избраа. И тој сега така зборува поради тие што го избрале“, коментира тој.

„Бугарија прва ги призна како држава, и покрај целата наша историја, и покрај целата измислица што ја претставуваат, и покрај сите глупости што ги кажуваат против нас со години и уште, и уште, и уште. И покрај сето ова, претседателот Желев, лесна земја, прв во светот ги призна како независна држава. И покрај ова, и покрај сите компромиси направени од сите бугарски влади, сите бугарски премиери, сите бугарски претседатели. И, воопшто, сите Бугари. Ниту грам благодарност, ниту грам почит, ниту грам логика. Нема ништо. Само омраза и самозаблуда. Меѓутоа, таму има луѓе кои се чувствуваат Бугари. Кои се Бугари! А Бугарија е насекаде каде што живее дури и еден Бугарин“, напиша Трифонов на социјалната мрежа.

„И ги има многу повеќе од еден. Многу, многу, многу повеќе. Треба да се грижиме за нив, да мислиме на нив и за нив да ни е гајле. А споменатиот Мицкоски, тие што го избраа и тие што се радуваат од тоа што го кажува, колку што зависи од мене, сите тие на чело со Мицкоски ќе ја гледаат Европската унија низ криви макарони. Низ многу криви макарони!“, се закани првиот човек на партијата со 18 пратеници во Народното собрание во Софија.