Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информираше дека контролите спроведени кај производителот на зелката, која неодамна беше вратена од Хрватска поради наводна неисправност, покажале дека не се користени забранети препарати за заштита на растенијата. Според направените анализи, не е детектирана употреба на недозволени хемикалии.
-За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура“, рече Трипуновски одговарајќи на прашање на новинарите по однос случајот.
Трипуновски рече дека не знае дали се работи за грешка на хрватските гранични контроли, но категоричен е дека кај посочениот земјоделец од земјава не се пронајдени недозволени пестициди, ниту, пак, направените анализи покажале употреба на забранети средства кај конкретниот градинарски продукт.





