По Горазд Михајлов и Горан Петрески, Срѓан Захариевски како трет тренер само по четири одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига ќе се обиде да го доближи Вардар до очекуваниот излез во Европа по милионското спонзорство во евра од австриски „Новоматик“, но стартувајќи претпоследен на табелата со три бода.
Фудбалерот за врска на „црвено-црните“ со 19 гола на 98 настапи од 2001 до 2004 година и ексрепрезентативец со 22 одиграни средби и 3 погодоци за Македонија тренерската кариера ја почна во Металург од 2012 до 2015 година, во 2017 го водеше Пелистер, а во последните четири години седеше на клупите на Струга и на Воска.






