Треба да се задржат новите страници на пријателство меѓу Бугарија и Македонија со вистинско добрососедство, што не ѝ е цел на ЕУ

Пишува: м-р Свето Тоевски



„Рамката договорена во 2022 година, врз основа на францускиот предлог, е европски документ, што мора да се спроведува и не може да се менува, или да се става ‘во втор план’.“ – изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ во Софија.  За европската интеграција на Западниот Балкан и важноста на проширувањето на ЕУ разговараа и бугарскиот премиер Росен Жељасков со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа ѝ се заблагодари на Бугарија за „поддршката за проширувањето“. Кос се сретна и со шефот на бугарската држава Румен Радев, кој изјави дека “за да биде одржливо и неповратно проширувањето на ЕУ, мора да биде изградено врз вистинска примена на Копенхагенските критериуми за членство“. Претходно шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кажа: „Впишувањето на Бугарите како државотворен народ во македонскиот устав не е единствен услов, туку треба да се спроведат сиот Договор за добрососедство и протоколите, кои произлегуваат од него.“

Сите овие средби и изјави во Софија покажуваат и потврдуваат дека во нив нема место за евроинтеграцијата на Македонија, заснована врз вистинска примена на Копенхагенските критериуми. Европската унија води сметка само за државно-политичките интереси на Бугарија на штета на Македонија и македонскиот народ. Радев, Јотова, Желјасков, Георгиев, не би требало со своите изјави да ги затвораат неколкуте штотуку отворени нови страници на пријателство и солидарност во односите меѓу Македонија и Бугарија, што се случи откако бугарскиот народ и раководството на бугарската држава минатиот месец широко ги отворија своите срца и болници, за да им помогнат на тешко повредените од запалената дискотека во Кочани. Треба да се одржи онаа македонско-бугарска доближеност кога стотици обични Бугари спонтано даруваа крв за тешко повредените од Кочани, кога бугарски пратеник собра илјадници евра и ги донесе во Скопје, како помош за настраданите.

Бугарското државно-политичко раководство треба да го согледа и да го применува во своите натамошни политички комбинаторики фактот дека Европската унија за Америка, Кина, Русија, за редица највисоки европски државници и европски народи е се повеќе небитен геополитички актер од „третата лига“, кој самиот ја урива европската конструкција и работи против интересите не само на македонскиот, туку и на бугарскиот народ, како и на сите други народи од Балканот и Европа. Македонскиот и бугарскиот народ, македонската и бугарската држава, треба да зачекорат по друг пат во уредувањето на заемните односи во периодот, што следи. Секој политичар во официјална Софија треба да сфати дека се веќе неостварливи намерите од странство да ѝ се менува уставот на суверена Република Македонија.

„Бугарскиот договор“ нема врска со добрососедството, туку е кршење на резолуциите на ООН за вистинското добрососедство

„Вашингтон не дава гаранции за вашиот пат кон Европската унија, бидејќи ние не сме членка на Унијата“ – изјави американската амбасадорка Ангела Агелер на 19 февруари годинава. Најотворено призна и Марта Кос, еврокомесарката за проширување: „Никој не може да ѝ гарантира на Македонија дека и по промената на Уставот нема да има нови услови за членство во Европската Унија.“ Кос уште напомна дека треба „добра волја и визија да се дојде до компромис“. Но, мисли ли Кос дека треба Македонците со „добра волја“ да рипнат во бездната, створена со „Бугарскиот договор“, да имаат „визија да се дојде до компромис“ за бугаризацијата не само на македонската нација, туку и на се, што носи предзнак македонско? Бугарските и европски наредби и ултиматуми да се смени македонскиот устав немаат никаква врска со вистинското добрососедство.

Софија и ЕУ мора да се свесни дека, наместо да работат на вистинско добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, ги кршат највисоките норми и принципи на меѓународното право во врска со добрососедството, вградени во одредбите на резолуциите на ООН и самиот „Договор за Европската унија“ од Мастрихт 1992 година.

Бугарија, која се бори да го оствари „Бугарскиот договор“ против Македонија, Европската Унија, која го застапува тој договор и ја поддржува Бугарија на овој план, се во директен судир со меѓународното право и еден од неговите најважни принципи – принципот на вистинското добрососедство меѓу државите и народите. Вистинското добрососедство е разработено во серија резолуции на Организацијата на Обединетите Нации, но и на документи на европското право. „Бугарскиот договор“ крши еден од најважните елементи на принципот на добрососедството – принципот на недопустливоста на хегемонизмот, кој е многу прецизно наведен во „Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи“ (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations  – UN General Assembly, 34th sess. 14 December 1979).

За да имаат предвид официјална Софија, Европската унија и сите оние, кои ѝ наредуваат на Македонија беспоговорно и целосно исполнување на „Бугарскиот договор“ заедно со сите негови анекси и протоколи, посочуваме на најважните делови на оваа резолуција на Генералното Собрание на ООН, со која ѝ е забрането, не ѝ е допуштено на Бугарија да ја спроведува политиката на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, која се спроведува тому со овој така наречен „добрососедски договор“, со штедар „благослов“ на ЕУ.

„Генералното собрание потсетува на должноста на државите да се воздржат во нивните меѓународни односи од воена, политичка, економска, или која било друга форма на принуда, насочена против суверенитетот, политичката независност, или територијалниот интегритет на која било држава, истакнувајќи дека хегемонијата е манифестација на политиката на една држава, или група држави, да контролираат, да доминираат и да потчинуваат, идеолошки, воено, или економски, други држави. … хегемонизмот се обидува да ја ограничи слободата на државите да ги одредуваат нивните политички системи и да го следат својот економски, социјален и културен развој без заплашување, пречки, или притисок, да ги зачуваат својата сувереност и национална независност. … Генералното собрание на ООН ги повикува сите држави во водењето на меѓународните односи строго да ги почитуваат принципите на Повелбата на Обединетите Нации, кои се однесуваат на почитувањето на суверенитетот, суверената еднаквост, националната независност, единството и територијалниот интегритет на државите, на немешање во нивните внатрешни работи, во самоопределувањето.“ – се нагласува, покрај другото, во споменатата Резолуција на Генералното собрание на ООН.

Посебно важно е се посочи на значењето на последниот став на оваа резолуција на ООН, со кој се забранува не само мешање во внатрешните работи и на Македонија, туку и нарушување на правото на самоопределување и на македонскиот народ, што се прави со „Бугарскиот договор“.

Бугарија и ЕУ го кршат и членот 8 од Договорот од Мастрихт и во име на „добрососедство“ ја „палат македонската куќа“!

„Консолидираната верзија на Договорот на Европската унија“ од 3 јануари 2020 година го содржи членот 8, со кој се чини напор поблиску да се дефинира принципот на добрососедството во европскиот контекст и со него се истакнува: „Европската унија ќе развие посебен однос со соседните земји, со цел да се воспостави област на просперитет и добрососедство, заснована на вредностите на Унијата и карактеризирана со блиски и мирни односи засновани на соработка.“ Дали „Бугарскиот договор“ развива „просперитет и добрососедство, со блиски и мирни односи засновани на соработка“, или, всушност, развива „добрососедски“ конфронтации и турбулентни, наместо мирни и блиски односи? „Со „Бугарскиот договор“ најдиректно се крши членот 8 од Договорот на Европската унија од 1992 година, познат како „Договор од Мастрихт“.

Во својата докторска дисертација со наслов „Принципот на добрососедство во правото на ЕУ“, одбранета во универзитетот Гронинген во Холандија во 2014 година, д-р Елена Башеска, еден од најпознатите европски експерти за оваа проблематика, има констатирано: „Спроведувањето на принципот на добрососедство во согласност со меѓународното право почива врз еднаков третман на државите пред законот. ЕУ не успеа доследно да го примени принципот на добрососедство во своите надворешни односи. ЕУ не успеа да го протолкува и примени принципот на добрососедство доследно и во својата правна рамка во процесот на проширување. Љубовта меѓу соседите може да биде преценета, но соседите се тука да останат – палењето на нивната куќа ја става на коцка вашата сопствена безбедност.“

Што ли би констатирала Башеска денес за начинот на „добрососедство“, вграден во „Бугарскиот договор“? Дали би имала уште повеќе нови аргументи да ја доразвие својата констатација дека, парафразирано, добрососедството со Бугарија не смее да претставува „палење на македонската куќа“, бидејќи тоа ја става на коцка и безбедноста на Бугарија!?

Во променетите геополитички услови и во Балканот потребни се корекции во надворешната политика на Македонија и градење вистински добрососедски односи со Бугарија

Во услови на геополитичко пренасочување на САД од Балканот кон други региони во светот, кога ЕУ реално се преокупира со Украина, со вооружување и со сопствената позиција како геополитички актер на светската сцена, која ѝ е веќе урнисана, Балканот и државите во овој регион стануваат се повеќе упатени да ги регулираат односите сами меѓу себе. Во ваква ситуација време е Република Македонија да ги преиспита „добрососедските односи“ поодделно меѓу неа и Бугарија, да почне да врши соодветни корекции во својата надворешна политика и самата да иницира вистински добрососедски односи со Бугарија и сите други држави во Балканот врз еднаква основа со заемно уважување, признавање и соработка.

Македонските и бугарските фудбалски легенди, предводени од Пандев и Стоичков, ќе играат хуманитарен натпревар за помош на Кочани. Бугарските фудбалски легенди од Светското првенство 1994 година собираат пари за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани. На 27 април ќе се одржи хуманитарен фудбалски натпревар меѓу „ѕвездени тимови“ на истакнати фудбалери од Бугарија и Македонија. Следејќи го гостувањето на Македонската опера и балет со операта „Набуко“ во Софија, претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова уште во средината на ланскиот септември укажа дека и со „културната дипломатија“ можат и треба да се подобрат односите со Бугарија.

Во оваа насока треба да се развиваат натаму меѓудржавните односи и вистинското добрососедство меѓу Скопје и Софија, меѓу Македонците и Бугарите, а не со бесмислени и неостварливи ултиматуми кон Македонија, засновани врз „санстефански соништа“ од пред повеќе од еден век, кои се на директна штета и на Бугарија и бугарскиот народ.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)