Андреас Трајковски влезе во историјата на македонската атлетика како прв Македонец што успеал да се пласира во финале на Европско првенство во сала, откако во квалификациите во скок во далечина во холандски Апелдорн го освои седмото место во конкуренција на 18 учесници!



Единствениот претставник на Македонија на ова ЕП во третата серија прескокна 7,85 метри, поставувајќи нов државен рекорд во сала, подобар за шест сантиметри од претходниот што тој го оствари на Балканијадата во Истанбул минатата година, и се избори за настап во утрешното финале првично закажано за 20:34 часот.

Во првата серија 31-годишникот роден во Копенхаген, син на некогашниот првак на Данска на 100 и 200 м Христијан Трајковски, прескокна 7,51 м, а во втората 7,77 м.

Колку вреди неговиот резултат покажува фактот дека на ЕП пристигна како 31. на европската листа и 87. на светската, а сега е меѓу најдобрите осуммина во Европа!

Најдобар во квалификациите беше Жерсон Балде од Португалија со 8,11 м, пред Хаиме Гера од Шпанија со 8,07 м, а трет беше Божидар Сарабојуков од Бугарија со 8,05 м. Во финалето се пласираа и Тобијас Монтлер од Шведска со 8,00 м, Матија Фурлани од Италија со 7,95 м, Радек Јушка од Чешка со 7,91 м и Лестер Лескај од Шпанија со 7,81 м.

Трајковски, кој на 8 февруари 2022 година го замени данскиот дрес со македонскиот, пред три недели ѝ донесе на Македонија бронзен медал од Балканијадата во Белград, а сопственик е и на државниот рекорд на отворено во оваа дисциплина од 7,91 м.