Кристијан Трапановски тргна по стапките на Бојан Миовски во Шкотска, постигнувајќи гол за Данди јунајтед во ремито 2:2 со Данди во градското дерби на отворањето на сезоната, негов првенец во тамошниот Премиершип.
Македонското засилување за домаќинот го отвори резултатот во 12. минута, а при водство на неговата екипа од 2:1 имаше шанса да ѝ донесе и триумф, но откога во противнапад излезе сам пред голманот, наместо да го заобиколи, избра да бие на голот и за малку не погоди.
„Разочаран сум што не стигнавме до трите бода и знам дека требаше да реагирам подобро. Сепак, гол во градското дерби на моето деби и навивачите да го пеат моето име… Благодарност до сите“, се огласи битолчанецот на Твитер по мечот.
Без оглед на пропуштената шанса, 24-годишното лево крило беше прогласено за играч на натпреварот во кој настапи и Давид Бабунски, кој ја носи капитенската лента во Данди јунајтед.
За Трапановски ова е четврти погодок сезонава по трите во шкотскиот Лига куп, во кој има и две асистенции.
По долгото чекање за работна дозвола, донеодамнешниот играч на Шкупи конечно на 1 јули стана дел од тимот што во сезоната 1985/86 го елиминира Вардар во второто коло од тогашниот Куп на УЕФА, за кој потпиша двегодишен договор.





