Со раширени раце кон небото, претходно и клекнат на колена со споени дланки за молитва, Кристијан Трапановски го посвети својот гол за Данди јунајтед во градското дерби со Данди од шкотскиот фудбалски Премиершип на жртвите од трагедијата во Кочани.
Левото крило на домашниот тим и на репрезентацијата на Македонија во 49. минута намали на 2:3 (на видеото околу 7:20 минути од почетокот), но неговиот тим во судиското продолжение прими уште еден гол за конечни 2:4 во мечот од 30. коло.
За 25-годишниот македонски интернационалец ова беше втор првенствен погодок сезонава (првиот исто така против Данди во август минатата година), вкупно петти заедно со трите во Лига купот на Шкотска.
Трапановски е на списокот на селекторот Благоја Милевски за претстојните натпревари со Лихтенштајн и со Велс од стартот на квалификациите за Светското првенство 2026.





