Трамп ќе ги истера трансродовите лица од војската на САД!?

 

Меѓу првите мерки на Доналд Трамп, откако тој ќе стапне во Белата куќа на 20 јануари, ќе биде да прогласи 15.000 трансродови лица кои служат во војската на САД за неподобни, пишува британскиот весник „Тајмс“.



На трансродовите лица ќе им биде забрането да се пријавуваат во војска, а тие кои веќе служат би биле прогласени за неподобни од медицински причини, без разлика на постигнатиот успех во кариерата.

Во првиот претседателски мандат, Трамп се обиде да ги ограничи трансродовите лица да служат во војска, наведувајќи ги како причина „високите медицински трошоци“ и „потенцијалните дисциплински проблеми“.

Но, неговите иницијативи беа блокирани од судовите и Конгресот, тогаш под контрола на демократите.

Трамп исто така има намера да го елиминира финансирањето на училиштата кои учат теми како што се критичката теорија на расата, родовиот идентитет и она што тој го нарекува трансродово лудило.

Старо-новиот американски претседател се залага и за забрана на учество на трансродовите спортисти во женски спортови.