Американскиот претседател Доналд Трамп во ново интервју за „Атлантик“ изјави дека неговите претседателски мандати се значително различни, истакнувајќи дека овој пат тој ја води „земјата и светот“.
„Првиот пат кога имав две работни места, да ја водам земјата и да преживеам; имав работа со секакви измамници“, рече Трамп во интервју објавено вчера.
„И втор пат ја водам земјата и светот“, додаде тој.
Откако се врати на функцијата во јануари, Трамп издаде низа сеопфатни извршни наредби во различни области, а неговите мерки за имиграција и трговија привлекоа најголемо внимание и жестоки правни предизвици и критики од светските лидери.
Го потресе светот со царини и најави за освојување на Гренланд
Во областа на трговијата, Трамп предизвика глобални реакции со најавувањето на воведување царини за повеќето земји, вклучувајќи ги и најголемите трговски партнери на САД, иако одложи некои специфични мерки до јули. Ваквите потези донесоа неизвесност на глобалните пазари и ги зголемија економските загрижености.
Односите со долгогодишните сојузници на САД се дополнително затегнати поради реториката на Трамп за можна анексија на Гренланд и канадските територии.
Во исто време, тој голем дел од првите месеци од својот нов мандат го посвети на обиди за посредување во постигнување договор за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Во разговор за „Атлантик“, Трамп се осврна и на прашањето за потенцијална трета кандидатура за Белата куќа, идеја за која претходно дискутираше, но која републиканските пратеници во голема мера ја сметаат за шега.
„Тоа не е нешто што планирам да го направам. И мислам дека би било многу тешко да се направи“, рече Трамп во интервјуто.






