Трамп со ултиматум до Хамас: Пуштете ги заложниците и бегајте од Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди палестинското движење „Хамас“ веднаш да ги ослободи сите заложници во Газа и побара раководството на групата да ја напушти палестинската енклава, пренесува Ројтерс.



„Ова е последно предупредување! До раководството: Сега е време да ја напуштите Газа додека сеуште имате шанса.

Исто така, до жителите на Газа: Ве чека убава иднина, но не ако држите заложници. Ако го сториш тоа, тогаш си мртов“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа, Truth Social.

Тој се закани дека ќе следи „пеколна одмазда“ доколку заложниците не бидат ослободени.

Во позадината на овие јавни закани, Белата куќа потврдува дека се водат преговори со претставници на движењето што претставува отстапување од американската политика да не преговара директно со групата.

Агенцијата потсетува дека ова е прв познат контакт меѓу САД и Хамас од нивното прогласување за терористичка организација во 1997 година.

Преговорите, кои се водат во главниот град на Катар – Доха, се одвиваат во време кога примирјето меѓу Израел и Хамас е во критична фаза и виси на конец.