Трамп се огради од соработникот кој рече дека „Крим останува руски“

Tимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп објави дека оперативецот кој ги претстави потенцијалните контури на мировниот план за Украина со поддршка на САД не зборувал во име на новоизбраниот претседател.



Брајан Ланза, долгогодишен стратег на Републиканската партија, изјави за Би-Би-Си дека администрацијата на Трамп ќе побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски „реална визија за мир“.

Тој изјави дека приоритет на новата американска администрација во Украина ќе биде воспоставување мир, а не враќање на изгубената украинска територија, вклучувајќи го и Крим.

„Ако претседателот Зеленски дојде на маса и каже дека можеме да имаме мир само ако го вратиме Крим, ќе ни покаже дека е несериозен. Крим е изгубен“, рече тој.

Портпаролот на транзицискиот тим на Трамп негираше дека Ланза зборува во име на Трамп.

За време на предизборната кампања Трамп рече дека ќе најде решение за завршување на војната „во рок од еден ден“, но не објасни како ќе го направи тоа.

Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година.

Повеќе од две и пол години по започнувањето на сеопфатната инвазија на Украина, руските сили контролираат нешто помалку од 20 отсто од украинската територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано изјавува дека мир не може да се воспостави с’е додека руските сили се присутни во Украина и додека не ја вратат целата територија што моментално е под руска контрола, вклучувајќи го и Крим.