Државните секретари Рекс Тилерсон и Мајк Помпео од првиот мандат на сегашниот американски претседател Доналд Трамп биле главната причина што САД во времето на т.н. Шарена револуција не ѝ помогнале на тогашната десничарска влада во Македонија, вели поранешната функционерка на Стејт департментот и на УСАИД, Кетрин О’Нил Гилингам.



„Се сеќавам, имавме луѓе од Македонија кои бараа да ја запреме нашата влада и нејзините обиди да ја урне нивната влада. За жал, бевме пренатрупани со работа, немавме никаква поддршка од горе. Тилерсон беше отпуштен прилично рано во мандатот. Помпео беше бескорисен. Затоа не можевме да сториме ништо“, изјави Гилингам во подкастот „Културна војна“ со Тим Пул.

Зборувајќи за уривањето десничарски влади од американската дипломатија за време на демократскиот претседател Барак Обама, кога и кулминираа насилните протести на „шарените“ во Македонија, Гилингам напомна дека и во првиот мандат на Трамп имало барања за укинување на УСАИД и запирање на мешањето на САД во странски држави.

Но, посочувајќи го примерот со Македонија, таа го објасни неуспехот на тогашните планови на Трамп за реформи во оваа област, кои се остваруваат сега со практично „демонтирањето“ на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).