Американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот контроверзен предлог да ја преземе контролата врз Појасот Газа, велејќи дека е посветен на „купување и поседување“ на енклавата опустошена од војната.
Трамп вели дека Газа треба да се глда како на „голема недвижнина“ и дека другите земји на Блискиот Исток би можеле да имаат задача да се справат со нејзиниот повторен развој.
„Други луѓе може да го направат тоа, преку наше покровителство“, рече Трамп.
„Но, ние сме посветени да го поседуваме, да го земеме и да се погрижиме Хамас да не се врати назад. Нема во што да се вратиме. Местото е место за уривање“.
Тој тврди дека раселените Палестинци не би сакале да се вратат во Газа и покрај реакциите од палестинските претставници и голем дел од меѓународната заедница.
Хамас, палестинската група која управува со Газа, во неделата го повтори своето противење на предлогот на Трамп, нарекувајќи ги неговите последни забелешки „апсурдни“.
„Газа не е имот што може да се купи и продаде, и таа е составен дел од нашата окупирана палестинска земја“, рече Изат ал Ришек, член на политичкото биро на Хамас, во изјава споделена на Телеграм.
„Справувањето со палестинското прашање со менталитет на трговец со недвижнини е рецепт за неуспех“, додаде Ал Ришек.
„Нашиот палестински народ ќе ги спречи сите планови за раселување и депортација. Газа му припаѓа на нејзиниот народ“.
Претходно во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го пофали предлогот на Трамп како „револуционерен“ и „креативен“ додека се обрати на состанокот на владата одржан неколку часа по неговото враќање од Вашингтон, каде што разговараше со американскиот претседател.
Трамп ги запрепасти Палестинците и меѓународната заедница во вторникот предлагајќи Вашингтон да ја преземе Газа како дел од смел план за обнова за кој тврдеше дека може да ја трансформира енклавата во „ривиера на Блискиот Исток“.






