Трамп не го поканил Зеленски на инаугурација, но „ако сака може да дојде“

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп има намера да разговара со претседателите на Русија и Украина за начините за ставање крај на војната, соопшти тој на прес-конференција во неговиот имот на Флорида, објави Би-Би-Си.



„Ќе разговараме со претседателот Путин, со претседателот Зеленски и нивните претставници“, рече тој во неговата резиденција на Флорида, додавајќи дека видел ужасни слики од смрт и уништување во Украина и „ова мора да престане“.

Тој не изнесе детали за неговиот мировен план за руско-украинската војна и не одговори директно на прашање за тоа дали смета дека Украина треба да ѝ отстапи одредена територија на Русија.

Трамп рече дека голем дел од спорната територија е во урнатини и рече дека ќе биде потребен еден век за да се обнови.

„Има градови каде што не остана ниту една зграда“, рече тој.
Трамп е подготвен да го разгледа предлогот на Орбан за прекин на огнот во Украина

За време на прес-конференцијата, Трамп беше прашан дали го поканил Зеленски на неговата инаугурација. Трамп одговори дека не го поканил, „но може да дојде ако сака“.

Претходно се дозна дека Трамп го поканил кинескиот лидер Си Џинпинг на церемонијата, но според извештаите на американските медиуми, тој најверојатно нема да присуствува. Би-Би-Си коментираше дека странски лидери никогаш претходно не присуствувале на инаугурација на американски претседател.