Трамп за амбасадор во Белград праќа Србин по потекло, со сон да ги претставува православните во САД, меѓу кои и Македонците!

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека нов амбасадор во Србија ќе биде поранешниот државен обвинител на Аризона, Марк Брновиќ, чии родители се Срби доселени од некогашна Југославија во САД, кој во една изјава ги споменува и – Македонците.



„Татко ми е православен Србин од Црна Гора, мајка ми е Србинка од Сплит, Далмација, а мојот сон е српската заедница да добие свој претставник во Вашингтон, како и сите оние православни народи кои живеат во Америка, а кои во моментов не се претставени од никој: Грци, Руси, Украинци, Ерменци, Грузијци, Македонци и сите останати“, ќе рече Брновиќ на презентацијата на својата кандидатура во Републиканската партија за сенатор пред српската и другите балкански заедници пред речиси три години во Чикаго.

Трамп го образложи на Трут својот избор за наследник на Кристофер Хил во амбасадата во Белград.

„Задоволство ми е да објавам дека Марк Брнович ќе биде нашиот следен амбасадор на Соединетите Држави во Србија. Марк е горд ветеран на Националната гарда на армијата и порано беше државен обвинител на Аризона. Како син на бегалци кои бегаат од комунизмот, Марк ќе биде силен поборник за слобода и секогаш ќе ја става Америка на прво место. Честитки Марк!“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа.