Кандидатот за уште еден претседателски мандат во Белата куќа, Доналд Трамп, го обвини Володимир Зеленски дека „одбива да склучи договор“ за завршување на војната, што претставува најексплицитна критика на Трамп за начинот на кој украинскиот претседател ја водеше војната досега.
„Тие градови ги нема, а ние продолжуваме да му даваме милијарди долари на Зеленски, човекот кој одби да се договори.
Не постои договор што не би бил подобар од ситуацијата што ја имате во моментов. Имате земја која е избришана, не може да се обнови“, рече тој.
Оваа изјава доаѓа во време кога републиканскиот гнев кон Зеленски расте на Капитол Хил. Во Претставничкиот дом претставници на републиканците се обидуваат да истражат какви средства од американските даночни обврзници отишле за поддршка на безбедноста на украинскиот претседател додека тој патувал за Пенсилванија, пишува Си-Ен-Ен.
Во исто време, републиканските сенатори го предупредуваат Зеленски да остане настрана од внатрешната политика на САД, откако тој го нарече Џеј-Ди Венс, потпретседателскиот кандидат на Трамп, „премногу радикален“ во интервју објавено минатиот викенд.
На Генералното собрание на Обединетите нации, Зеленски ги предупреди светските лидери дека Русите ќе ги интензивираат нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, вклучително и нуклеарните централи.
Следеше веќе слушната реакција од Трамп:
„Секогаш кога ќе дојдеше во нашата земја, ќе си заминеше со 60 милијарди долари. Тој е веројатно најдобриот бизнисмен во светот“, рече Трамп.





