Трамп: „Вака или онака, ќе го добиеме Гренланд“

 

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на вчерашниот говор пред Конгресот, испрати порака до народот на Гренланд:



„Вечерва имам порака до неверојатниот народ на Гренланд: Силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за својата иднина“, рече Трамп.

„Ако изберете, добредојдени сте во Соединетите Американски Држави“, додаде тој.

Тој рече дека на САД им е потребен Гренланд за „национална и меѓународна безбедност. Мислам дека ќе го добиеме. На овој или оној начин, ќе го добиеме“, рече Трамп.

Трамп во неколку наврати најави дека Гренланд, автономна територија во рамките на Данска, ќе биде американски.

Сè започна откако тој победи на изборите во ноември 2024 година. Тогаш Трамп изрази желба да го купи Гренланд. Тој за прв пат зборуваше за ова во 2019 година.

Гренланд долго време е во центарот на вниманието на големите сили поради стратешката локација на Арктикот и богатството од природни ресурси.

Топењето на мразот во регионот дополнително го зголеми неговото значење, отворајќи нови поморски патишта и пристап до богати минерални ресурси, вклучително и ретките земји кои се клучни за современите технологии како што се батериите и обновливите извори на енергија.