Тајван треба да им плати на САД за одбрана бидејќи азиската земја сега не ѝ дава ништо за возврат, изјави републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.



„Ги познавам тие луѓе многу добро, многу ги почитувам. Тие презедоа околу 100 отсто од нашата индустрија за чипови. Мислам дека Тајван мора да плати за нашата одбрана“, рече Трамп во интервјуто за Блумберг.

„Знаете, ние не се разликуваме од осигурителна компанија. Тајван не ни дава ништо“, додаде тој.

Соединетите Држави се најважниот меѓународен сојузник на Тајван, но Вашингтон и Тајпеј немаат формален договор за одбрана како што имаат Американците со Сеул или Токио.

Тајванскиот премиер Чо Јунг-таи, одговарајќи на изјавата на Трамп, рече дека неговата земја и САД имаат добри односи и покрај отсуството на официјални билатерални односи и дека Тајпеј е посветен на зајакнување на својата одбрана.

„Тајван постојано го зајакнува буџетот за одбрана и покажува одговорност пред меѓународната заедница. Подготвени сме да преземеме поголема одговорност. Се браниме и се обезбедуваме“, изјави тој за новинарите во тајванскиот главен град.

Тајван, кој Кина го смета за своја територија, со години се жали на кинеската воена активност во околината, што го толкува како обид за притисок врз демократската земја која ги отфрла тврдењата на Пекинг.

Американскиот претседател Џо Бајден ја налути кинеската влада велејќи дека Вашингтон ќе го брани Тајван доколку биде нападнат од Кина, што претставува пресвртница во повеќедецениската американска политика на „стратешка двосмисленост“ кон земјата.

Вашингтон и Тајпеј немаат официјални дипломатски или воени односи од 1979 година, кога САД престанаа да ја признаваат земјата и го раскинаа одбранбениот пакт.