Jавното обвинителство максимално брзо и ефикасно да ја спроведе постапката која треба да го расветли случајот со бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, повика Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во синоќешното гостување на „Сител“



Според Тошковски, МВР ги обезбедило сите потребни докази врз основа на кои, ќе може да се утврди вистината, одговарајќи на прашање во врска со обвинувањата од СДСМ дека бегството на Рамадани е координирана акција на МВР и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ кои го бранат началникот на северната граница Наим Рамука, со чија и со помош на лице вработено во Општина Чаир Рамадани побегнал преку граничниот премин „Блаце“.

„На 14 август, мислам дека 14 беше денот кога се утврди дека предметното лице (Блерим Рамадани н.з.) не е во куќен притвор, таму каде што судот го ставил. Истиот или наредниот ден, не ме држете за збор, од страна на МВР е отворена соодветна процесна постапка во насока на обезбедување на материјални докази коишто би требало да го расветлат токму овој случај.

Јавното обвинителство постапува во насока на расветлување на овој случај уште од 14 август во делот на тоа како е пуштен, го пуштил ли некој, организирал ли некој, го пренел ли некој итн.

МВР уште истиот ден има превземено соодветно процесно дејствие и го има доставено до Обвинителството за гонење на организиран криминал. Го повикувам Јавното обвинителство максимално брзо и ефикасно да постапи согласно сите потребни процесни дејствија коишто треба да се преземат во насока да се расветли овој случај“, рече Тошковски.

Според Тошковски, станува збор за прв случај во историјата на Македонија во кој на странец за кого се води постапка за екстрадиција му е одреден куќен наместо ефективен притвор.