„ Оваа ужасна трагедија којашто ја расплака целата држава, не е последица на земјотрес. Се надевам дека за брзо ќе заврши истрагата и ќе покаже дека е последица на еден корумпиран систем, којшто месец за месец, година за година, го нагризувал легитимитетот и легалитетот на функционирањето токму на предметниот угостителски објект, кој видовме како на крајот заврши“ изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во синоќешното „Само интервју“ на Канал 5..
„Доказите со коишто сум запознаен во рамки на истрагата, која што пак напоменувам, не е завршена, говорат за континуирано, незаконито, коруптивно постапување на многу сегменти во рамки на институциите, кои наместо да заштитат, наместо да проверат, наместо да утврдат фактичка состојба во насока на вистината, тие правеле сè, само тоа не“, нагласи Тошковски.
На прашањето дали полицијата требало да има сознанија дека во дискотеката се планира употреба на пиротехника и дали тој објект е казнет за употреба на нелегална пиротехника, Тошковски ги појасни актуелните законските одредби.
„Не сум запознаен со таков факт, дека некогаш дискотеката е казнета за употреба на нелегална пиротехника, но факт е дека законските одредби предвидуваат дека за да МВР издаде одобрение, согласност, мора прво некој да го побара. Во конкретната ситуација барање не е доставено од страна на никого, ниту од страна на оние кои ги употребиле пиротехничките средства, ниту од страна на менаџерите на клубот#, одговори Тошковски.
Тошковски истакна и дека според анкетите на јавното мислење, но и според генералниот впечаток, довербата во МВР континуирано расте.
„Довербата во МВР расте, бидејќи народот конечно гледа неселективна и непоколеблива борба против корупцијата и криминалот, без оглед дали некој доаѓа од редовите на една или друга политичка партија на власт на локално или на централно ниво, гледаат дека таму кадешто имаме докази, таму каде што има злоупотреби, постапуваме. Луѓето гледаат надеж и тоа е генерален став којшто го добивам секојдневно#, рече министерот Панче Тошковски.
(Видео): Главниот аргумент на опозицијата е неточен, вели Панче Тошковски






