Тошковски од Приштина: Проценка на едношалтерскиот систем на граничниот премин Блаце-Елез Хан, следи примена на преминот Јажинце-Глобочица

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Панче Тошковски вчера беше во работна посета во Приштина на покана на неговиот колега министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла.



„Средбата беше поради проценка на спроведувањето на едношалтерскиот систем, пуштен официјално минатата недела на граничниот премин Блаце-Елез Хан, како и за усогласување на идните чекори за дополнително зајакнување на прекуграничното поврзување. Следната фаза на оваа соработка е примена на тој систем и на граничниот премин Јажинце-Глобочица во следниот период. Едношалтерскиот систем за патниците значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности. За Македонија и Косово тоа е ново поглавје на поврзаност со побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство.“ – нагласи министерот Тошковски.

На оваа средба на двајцата министри во Приштина беше разгледана и тековната соработка на двете министерства и полиции и можноста за нејзино унапредување во размената на информации и борба со криминалот, кој не познава граници.