Секој еден што се огрешил ќе одговара пред законот, без разлика дали е љубител на десни или леви. И во иднина само така ќе се постапува. Сторен е напад на службено лице, ќе се преземат сите потребни дејствија од страна на МВР како што е суспензија на предметното лице кое нема да оди на работа се до донесување на пресуда и покренување на кривична постапка од страна на МВР по претходно дадена наредба од јавен обвинител, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Нека се пофалат моите претходници дека истото го сториле за еден ден за неколку други случаи кои се интересни за јавноста. Многу ми е жал што досега не се постапувало така, како во последните шест – седум година, така и претходно, но тоа време заврши. Припадник на МВР сторил насилство со коешто ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија. Согласно првичните информации, тоа лице ќе биде суспендирано од работа се до донесување на правосилна пресуда, а МВР се надевам уште во текот на овој ден ќе поднесе кривична пријава за напад на службено лице, рече Тошковски во одговор на прашање на одбележувањето на Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи.
Нагласи дека со тоа постапката во МВР експресно ќе биде завршена и додаде дека ќе информира веднаш штом ќе биде поднесена кривичната пријава.
-Во овој случај веднаш излегов со осуда за насилство штом ја добив информацијата, особено затоа што станува збор за насилство на припадник од МВР. Во делот на тоа дека предметното лице попречувало одредена акција при нејзино спроведување, сакам да потенцирам дека тоа е неточно, односно предметното лице во конкретнава ситуација коешто сторило напад на службено лице влегло во акција од кога акцијата на службените лица во предметниот објект е завршена. Ова го кажувам исклучиво само заради тоа што гледам некои обиди за дефокус, обиди за манипулација, рече Тошковски.





