Тошковски: Намален е бројот на убиства, зошто не баравте оставка од Спасовски

Ваша работа е да барате оставка, доколку сметате дека некој не работи како што треба, но, во 2023 година на територија на Македонија има 23 убиства, a досега во 2024 година 16 убиства, а претходно ниту еднаш не побаравте оставка од мојот претходник на позицијата, ѝ се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на опозицијата на собраниската седница за пратенички прашања.



СДСМ се неконструктивна опозиција затоа што се обидува да ги излаже граѓаnите, бидејќи статистиките покажуваат пад во криминалитетот во однос на убиствата и на разбојништвата за 2024 година во споредба со 2023 година кога министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратеничко прашање за безбедносната состојба во државата поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.

– Ваша работа е да барате оставка, доколку сметате дека некој не работи како што треба. Но, во 2023 година на територија на Македонија има 23 убиства, досега во 2024 година 16 убиства. Во 2024 година две нерасчистени, 2023 година пак две нерасчистени. Ниту еднаш во 2023 година за овие 23 убиства кои се случени, ниту еднаш, не излеговте да побарате оставка од почитуваниот Спасовски. Тука е лицемерието што јавно им го покажувате на македонските граѓани. На територија на град Скопје во текот на 2023 година имало околу 300 разбојништва, во 2024 година околу 150 досега или околу 35 отсто помалку од истиот период лани. Факт е дека бројките се намалени и дека за 320 разбојништва ниту еднаш не побаравте оставка од мојот претходник на позицијата, а од мене побаравте 300 пати – се обрати Тошковски до опозицијата.

Во врска со убиствата во Чаир и во Лептокарија, Тошковски рече дека сторителите се во притвор и дека МВР ја завршило својата работа.