Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, апелираше да се внимава какви информации се изнесуваат во јавноста, коментирајќи ја изјавата на дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев за која кажа дека е несериозна и непрофесионална.
„Не би можел да навлегувам во деталите што се преземаат од страна на МВР“, рече Тошковски.
На изјавата реагираше и Јавното обвинителство од каде порачаа да не се споделуваат детали од истрагата.
„Откривачката улога во случајот ја има МВР, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторителот и за целосно расчистување на настанот.
Со оглед на тоа што МВР сè уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката“, се вели во одговорот на Јавното обвинителство за „360 степени“.






