Пиротехниката во дискотеката Пулс во Кочани, која доведе до трагичниот пожар, била донесена од страна на бендот ДНК, потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по разговор со еден од членовите, пренесе Плусинфо.
Министерот информираше дека лицето што било задолжено за употреба на пиротехничките средства, за жал, го загубило животот во несреќата.
По завршувањето на увидот, ќе биде подготвен извештај за Обвинителството, кој ќе ги утврди деталите и ќе се процени дали пиротехниката требала да поседува сертификат за употреба, како што е пропишано со закон.
Тошковски истакна дека дискотеката била сместена во објект кој е наменет за лесна индустрија, а не за угостителство, што ја прави неадекватна за ваков тип настани. Покрај тоа, се дознава дека во целиот клуб имало само два противпожарни апарати, што дополнително ги зголемува ризиците.
„Мене ако ме прашате тоа е штала, и функционирала така 15 години, со криминал, со мито, со корупција, незаконски, без никакви услови. За неверување е што 15 години функционирала така“, изјави Тошковски.
Концертот на бендот ДНК бил организиран без формален договор со оддржувачите на клубот, што дополнително ја става под прашање безбедноста на настанот. МВР не било информирано за овој настан, а според законот, организаторите имале обврска да ги обезбедат сите потребни услови за безбедно одржување на такви настани.
„Денеска констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба, коишто требало да ги следат прописите. Во текот на денешниот ден ќе има повеќе приведени од повеќе институции, од МВР и други кои би требало да се одговорни при издавањето на лиценцата.
Корупција и криминалот не доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме“, рече Тошковски.
Тошковски објави дека во истрагата за Кочани се гонат и луѓе од МВР






